Знаковен јазик на македонски
Знаковен јазик
Терминот „знаковен јазик“ значи визуелен начин на комуникација меѓу глувите лица, особено со договорени или стандардизирани знаци на рацете и прстите, со или без изрази на лицето, преку нивната сопствена граматика и синтакса, со кои се пренесуваат мислите, идеите, намерите и концептите.
Знаковниот јазик е всушност јазик кој освен акустичната структура ги има сите јазични карактеристики на ниво на современата комуникација. Не од околностите, туку од потребата наметната од губење на слухот, глувите луѓе уште од античко време го користат знаковниот метод на изразување меѓу себе. Преку секојдневниот процес на користење и раст на интелектуалното знаење на поединците, како и општото културно ниво на земјата во која живеат, овие знаци се повеќе се усовршуваат и стануваат појасни и поразбирливи во нивните меѓусебни контакти. Со знаковниот јазик се појавуваат дактилологијата (дворачна) и кирологијата (една рака) на азбуката на прстите, кои доаѓаат како средство за пополнување на празнината предизвикана од неможноста преку знаци да се пренесат одредени термини на глувиот човек. Оваа алатка денес се користи во многу училишта за глуви лица, како помагало што е комбинирано со оралниот метод на настава.
