ДЕН 1 Започна првата размена од програмата Superschools организирана од Regional Youth Cooperation Office – RYCO
Учениците од гимназија Алгоритам, Скопје и учениците од Gimnazija Smart ја имаа првата средба во просториите на гимназија Алгоритам. Мразот го скршивме со професорот по англиски јазик, Дејан Станкоски, преку игри за запознавање и презентирајќи ги двете култури. 12 ученици од Нови Сад со нивните професори Сања Џукиќ и Јелена Бојаниќ ќе ни бидат гости оваа недела. 
 
Денот го продолживме со работилница по природни науки. Професорката по хемија, Нена Милковски ги објасни чекорите како да се создаде сапун. Учениците работеа во групи и со калапи креираа најразлични сапуни кои понатаму ќе ги декорираат и подаруваат.
Со нетрпение ги очекуваме крајните резултати.
Денот го завршивме со прошетка во Градскиот парк и во центарот на град Скопје.
 
ДЕН 2 – Размена на ученици Superschools Учениците од Скопје и учениците од Нови Сад веќе се спријатели и вториот ден помина уште позабавно. Учениците со професорите Павле Јанакиевски и Ана Пејовска дебатираа за стереотипите, го вежбаа своето критичко размислување и преку низа на групни активности донесоа заклучоци за начинот на кој треба да се разрешуваат конфликтите и да се гради соживот.
Учениците беа на посета во Спомен-куќата на Мајка Тереза каде на табли испишаа и испратија јасни пораки за мир. Вториот музеј што го посетија беше Музејот на Македонската борба каде што се дискутираше заедничкото минато помеѓу двете земји.
 
ДЕН 3 – Размена на ученици Superschools Нови Сад – Скопје
Денот го поминавме со едукативна екскурзија низ градот
Скопје. Прошетката започна со туристички водич кој ни ги покажа и најскриените делови на Чаршијата. Понатаму го посетивме гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас, а патот не донесе до Кале, каде што зборувавме за минатотот, но и за сегашната архитектура на градот Скопје.
Учениците од Нови Сад беа воодушевени од природните
убавини на Матка, а прошетката ја завршивме со прекрасниот панорамски поглед од крстот на Водно.
 
ДЕН 4 – Размена на ученици Superschools Скопје – Нови Сад
Учениците од Нови Сад и Скопје во текот на четвртиот ден од посетата работеа на сајбер булинг
работилница. Во текот на работилницата ни се придружија и учениците од трета година кои им помагнаа
на учениците да дискутираат на темата што е многу значајна за нивната возраст. Денот продолжи со креативна работилница
за декорирање на сапуните, а заврши со театарска претстава во Театарот за деца и младинци со наслов
„Силеџија“ која беше прикажана како завршеток на сајбер булинг работилницата.
 
ДЕН 5 – Размена на ученици SuperSchools Скопје-Нови Сад.
Последниот ден од првата размена на учениците од Нови Сад и Скопје помина на отворено во Градскиот Парк со претставници од Europe House, GoGreen, Црвен крст и Коалиција Менуваме. Приредени беа активности и забава со музика. Во текот на денот, учениците од прва и втора година, заедно со учениците од Нови Сад, имаа можност да спортуваат најразлични спортови. Гости на настанот беа Црвен крст кои приредија работилници за прва помош и на кои им подаривме сапуни кои беа изработени во текот на размената. Се одржаа повеќе еколошко активности и предавања од GoGreen, во соработка со Europe House.
На крајот беше потпишан Меморандум за соработка со Коалиција Менуваме , како вовед во
вториот дел од размената кога ќе изработуваме веб страна за учење на знаковен јазик и брајова азбука. Им благодариме на сите организации што беа присутни, како и на учениците од Нови Сад со кои поминавме прекрасна една недела. Се гледаме наскоро во Нови Сад.